
Обраќање на претседателот Пендаровски на Отворениот форум за антикорупција
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на дводневниот Отворен Форум за антикорупција организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка, а во рамки на Програмата Граѓаните против корупцијата и Програмата Регионалната мрежа за антикорупција (СЕЛДИ).
Посочувајќи дека како држава пред 20 години ја ратификувавме Конвенцијата против корупција на Обединетите Нации, во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека и по две децении од Конвенцијата, дури 63% од македонските граѓани сметаат дека корупцијата е наш најголем проблем.
Почитувани присутни,
Им благодарам на Македонскиот центар за меѓународна соработка и на Државната комисија за спречување на корупцијата што нѐ собраа на овој важен форум за антикорупција.
Пред точно 20 години, Обединетите нации ја донесоа Конвенцијата против корупцијата. Во таа прилика, генералниот секретар на ОН, Кофи Анан ја спореди корупцијата со „подмолна чума“ која ги поткопува демократијата и владеењето на правото, ги повредува човековите права, го нарушува пазарот, го еродира квалитетот на животот и го овозможува организираниот криминал, тероризмот и другите закани за човековата безбедност. Ние ја ратификувавме оваа конвенција и се приклучивме прилично брзо кон низа глобални и регионални антикорупциски документи и механизми.
Сепак, две децении подоцна, дури 63% од македонските граѓани ја сметаат корупцијата за наш најголем проблем. Индексот за перцепција на корупцијата за 2022 година ја рангира Македонија на 85-то место во светот. Само 6 или 7 европски држави, зависно од времето на мерење, се зад нас, од кои ниту една не е земја членка на Европската Унија. Индексот за владеење на правото, пак, нѐ рангира на 67. место од вкупно 142 држави, со забележан пад во повеќе области. Дури половина од истрагите што Европската служба за борба против измами – ОЛАФ ги отвори за земјите од Западниот Балкан, се поврзани со злоупотреби на европските фондови во Македонија.
Во зависност од локалниот контекст, причините за оваа состојба најчесто ги бараме во недостатокот на политичка волја, во системски или законски празнини, во долгогодишната блокада на европските интеграции, и се разбира, пред се, пред се, во културата на неказнивост.
Една од препораките на ГРЕКО, која остана не имплементирана, се однесува на примената на системот на санкции во однос на прекршување на правилата за конфликт на интереси, интегритет и антикорупција. Ваквите системски пропусти, воопшто, не се наивни. Оние кои корумпираат успеваат да ја избегнат одговорноста со помош на неколку тактики, од негирање на корупцијата, преку минимизирање на нејзините ефекти, одвлекување на вниманието на јавноста од проблемот, па сѐ до дискредитирање на критичарите или замолкнување на свиркачите.
Низ годините, за жал, корупцијата стана наше секојдневие, начин на живот, во кој, огромен сегмент од општеството верува дека без мито, непотизам, кронизам и клиентелизам не можете да напредувате. Една третина од граѓаните изјавуваат дека биле изложени на коруптивен притисок, а дури една четвртина од нив, посегнуваат или по паричникот или по телефонот за да дадат мито или да побараат врски.
Последиците од оваа состојба се видливи за сите нас, за сите граѓани. Корупцијата генерира сиромаштија и социјална неправда со што ги продлабочува поделбите во македонското општество, го забрзува иселувањето бидејќи практично го поништува системот на заслуги при вработувањето и унапредувањето.
Кога ќе продолжиме со преговорите за ЕУ, корупцијата беа сомнение ќе биде и најголемата пречка во процесот на европските интеграции. Преговорите за членство се отвораат и затвораат со поглавјето за владеење на право и фундаментални права, а, последниот извештај на Европската комисија констатира дека не е забележан напредок во борбата против корупцијата кај нас.
Почитувани,
Ако ова се проблемите, кои би биле можните решенија?
Прво, легислативата треба да биде целосно усогласена со европското законодавство. За да се излезе на крај и со најкреативните обиди за измами, мора да учиме од најдобрите европски и светски антикоруптивни практики.
Второ, не треба да ги мериме намерите, туку резултатите на антикорупцијата. Добрата легислатива не вреди ако не се имплементира и ако не важи подеднакво за сите. Во таа насока, државата, властите мора да ги поддржуваат институциите како што е Државната комисија за спречување на корупцијата, барем нејзиниот постојан состав, во нивната работа.
