
Обраќање на Адеми, зошто нема да оди во Судски совет?
Преку соопштение до медиумите претседателката на највисокиот суд во земјава, образложи зошто денеска не се одѕва на поканата од Судскиот совет. Обраќањето го пренесуваме во целост:
Во врска со поканата од ден 03.11.2023 година до Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија за одржување на работна средба, би сакала да укажам на некои формално-правни аспекти кои би требало да бидат земени предвид.На почетокот, како Претседател на Врховниот суд на Република Северна Македонија нагласувам дека Врховниот суд како највисок суд во државата дава целосна поддршка на процесите за унапредување на транспарентноста на судството.
Примената на начелата на отворено и транспарентно судството, како и на слободата на мислата и на јавното информирање како загарантирани права во Уставот и во Европската конвенција за заштита на човековите права, се силна гаранција за осигурување на независноста на судството.
Поаѓајќи од овие заложби, нагласени и во Декларацијата за отворено судство, а во контекст на Вашата покана за работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, потенцирам дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството.
Тоа впрочем е и една од целите на заложбите за отвореното судство, но и на напорите за заштита на самостојноста и угледот на судството и за јакнењето на довербата на граѓаните кон судската власт.
Во оваа смисла, би сакала да истакнам дека во согласност со европските стандарди и практики во врска со прашањата од висок јавен интерес, отвореното судство има превентивна улога во спречувањето на обидите за политички или други влијанија.
Исто така, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релеватните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството.
Констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни.
Имено, Европската Комисија во последниот извештај истакна дека важно е да се осигури дека судството е заштитено од каков било ризик на несоодветно мешање од надвор.
Политичките притисоци и влијанија се нагласени и во Извештајот на Прибе.
Стејт департментот нотира дека случаите на несоодветниот политички притисок врз судиите продолжиле да ја попречуваат ефикасноста и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.
Последната анкета на ОБСЕ, исто така нотира дека судиите самите укажуваат на присутност на притисоци и несоодветни влијанија. Загрижувачка беше и констатацијата за недовербата кон Судскиот совет, за што мора да се посвети повеќе внимание во иднина.
Политичките притисоци и влијанија како појава се нотирани и од граѓанските организации кои ја следат работата на судството.
Преку медиумски написи, изјави или интервјуа, на постоење на политички притисоци или пак притисоци од другите власти, укажаа и судии, вклучително и судии на Врховниот суд на Република Северна Македонија.
На притисоци преку конкретни изјави и за конкретни случувања укажаа дури и членови на Судскиот совет, но и поранешни претседатели на Судскиот совет на Република Северна Македонија. И покрај ваквите укажувања јавноста не доби одговори дали Судскиот совет презел соодветни дејствија, појаснувајќи за какви притисоци се работело.
