
Новогодишна надеж зад решетките: Врвни спортисти и свештени лица ги посетија осудените лица во затворот „Скопје“
Празничната атмосфера и хуманоста не ги заобиколија ниту лицата кои се наоѓаат на издржување казна затвор. Во пресрет на Новата година, во КПУ Затвор Скопје беше организиран настан за поддршка на осудените лица кои празничните денови ги поминуваат одвоени од своите семејства.
Директорот на установата, Бобан Утковски, заедно со отец Методија Митановски и врвните македонски спортисти – европскиот медалист во мотокрос Христијан Бузалковски и светскиот кик-бокс шампион Бобан Илиоски, упатија пораки за надеж и човечност. Целта на оваа посета беше да им се внесе малку радост на лицата кои поради законските ограничувања нема да бидат со своите најблиски за време на празниците.
Според Управата за извршување на санкции, ваквите мали гестови се од големо значење бидејќи докажуваат дека добрината нема граници и дека секој искрен гест може да промени нечиј свет. Настанот беше заокружен со желби за Нова година исполнета со повеќе човечност, вера и надеж за подобро утре за сите граѓани, без оглед на нивните моментални околности.
