
НОВО ПОГЛАВЈЕ ЗА СТАБИЛНОСТ И РАЗВОЈ НА ДРЖАВАТА Милошоски вели дека „Стратегијата Македонија 2030“ е визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија

Стратегија усвоена вчера на Конгресот на партијата во Кавадарци „Ново поглавје –Македонија 2030“ значи визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефиниран политички и развоен правец за следната деценија, изјави денеска Антонијо Милошоски пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Милошоски рече дека Стратегијата се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на краткорочни одлуки и да воведе долгорочен план и систем за управување, а тоа се создава преку институции со силен интегритет, конкурентна економија и општество засновано на вредности и национална самодоверба.
-Документот ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила подготвена да ја преземе одговорноста и улогата за ова државничко лидерство. И ова се разбира не е список на политички кампањски предизборни желби, туку е документ со јасни цели коишто би биле национална траекторија во следните 10-15 години. Клучната амбиција е оваа Стратегија Македонија до 2030 година да стане земја што создава стабилност, економска додадена вредност и институционална зрелост, со национален идентитет што се почитува, а не се условува дневно политички – рече тој.
Милошоски објасни дека Стратешката рамка за 2025–2030 ги содржи шесте клучни стожери што ќе водат развој на државата.
-Прво, државната безбедност. Тоа значи модерна армија, современа полиција, национална сајбер-заштита и систем за справување со хибридни закани. Безбедноста е нашата основа и АРМ и МВР мора да бидат максимално подготвени за овој предизвик. Второ е економската конкурентност. Тоа значи напуштање на моделот на евтина работна сила и создавање на конкурентна економија заснована на знаење, на додадена вредност и технолошки иновации. Се разбира мораме да имаме поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем, зелена енергетска транзиција и повторно создавање на услови за странски инвестиции. Трето, правна држава. Целта е да имаме независно судство, департизирано обвинителство, професионална администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализирана контрола на движењето на парите и на имотните прашања. Четврто, демографските политики. Потребна е вистинска поддршка за младите, станбени програми, политики за поврат на дијаспората, достоинствена грижа за постарите лица. За да можеме преку една стабилна популациона политика, во Македонија да имаме секогаш доволен ресурс во луѓе за да можеме да ја развиваме и економијата и државата – рече Милошоски.
Според него, петтиот и шестиот стожер се европска интеграција и надворешната политика и образованието, културата и идентитетот се клучни.
– Партнерства со јасни црвени линии ни се најбитен дел, затоа што ние како политичка партија сме определени за Европската Унија како еднаков партнер, без дополнителни билатерални условувања кои што би го допирале идентитетот или националната самобитност на македонскиот народ и да државата. И шестиот стожер е образованието, културата и идентитетот каде што мора да вложуваме во модерни програми, дигитален дел, да речам, на културата, исто така, и на образованието, поддршка за науката, заштита на македонскиот јазик и неговата промоција. Бидејќи без силна култура и образование не би имале толку силно општество, и промоција на нашите одлики во европско ниво – рече Милошоски – изјави тој.
Според Милошоски, стратегијата носи нови теми што ја подготвуваат Македонија за иднината и оваа национална стратегија обрнува внимание и вештачка интелигенција како еден нов дел од технолошкиот натпревар, не само во Европа, туку и на глобално ниво.
-Имаме стратегија за сајбер-безбедност, стратегија за една геоекономска дипломатија, што ќе ја поврзе и дипломатијата со геополитичките поместувања во последниве неколку години. Исто така и основање на Фонд за иднината, односно државен инвестициски инструмент којшто ќе поддржува технологии, иновации, истражување и вештачка интелигенција, за да може Македонија да биде поконкурентна со партнерите во регионот, но исто така и на европско ниво – рече тој.
Милошоски подвлече дека визијата на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија 2030 година е јасна.
-Тоа е држава која што има брза и растечка економија, држава со институции кои што имаат интегритет, има функционална демократија, држава со европски идентитет и национална самобитност како дел од европскиот мозаик и држава што инвестира во знаење, во култура и во генерациите што доаѓаат. Ова е повик за ново поглавје на стабилност, развој на Македонија и државничко водство. Македонија може и мора многу повеќе. Македонија треба да си ја врати својата самодоверба со работа и со дела. И време е државата да продолжи да се гради, таква каква што граѓаните ја заслужуваат – рече Милошоски.
.

