НОВИТЕ АВТОБУСИ ЌЕ ИМААТ НАЈМАЛКУ 33 СЕДИШТА И КАПАЦИТЕТ ЗА 67 ПАТНИЦИ Паушалните споредби се обид за манипулација
После 14 години Владата обезбеди нови автобуси што ќе помогнат во намалување на загадувањето, решавање на сообраќајниот метеж и подобрување на урбаната мобилност. Ова е прва голема набавка на нови електрични еколошки автобуси, што ја спроведе Владата, а со која директно влијае врз намалување на аерозагадувањето во Скопје и другите општини и подобрување на јавниот градски превоз, соопшти Министерството за транспорт.
„Во самата постапка која беше јавна и транспарентна за јавноста и во целост отворена за сите понудувачи, согласно Законот за јавни набавки при електронската аукција се постигна најдобра единечна цена по автобус од 321.958 евра без ДДВ. Сакаме да потенцираме дека автобусите се стандардни, со автоматски регулиран клима уред за ладење и за греење, со максимална моќност најмалку 350 kW на електромоторот, дисплеј екрани за прикажување станици и број на линии, со 3 врати, платформа за лица со инвалидитет, со најсовремени системи за кочење и безбедност како и со стандарден капацитет со кој целосно се задоволуваат потребите за превоз на патници по европската директива 2018/858 и согласно ИСО стандардите 15118“, соопшти Министерството за транспорт.
Би сакале да истакнеме дека го цениме интересот на јавноста во однос на набавката, но мораме да нагласиме дека при правење на споредбата мора да се земат сите технички каректеристики на автобусите во однос на должината, капацитетот, погонот на работа, системите за безбедност и квалитетот, се додава во соопштението.
„Секоја паушална споредба е обид да се направи манипулација или да се креира погрешна слика во однос на набавените автобуси. Исто така, сакаме да потенцираме дека автобусите со кои се прави споредба се на погон на компримиран природен гас и се работи за автобуси кои се со целосно различни технички карактеристики. Автобусите кои ќе се набаваат се со капацитет од најмалку 33 седишта, а вкупно 67 патници. Кога веќе се прават несоодветни споредби, донираните автобуси се на компримиран природен гас и имаат вкупно 29 седечки места, што значи 4 седишта помалку. Се работи за различен тип на автобуси и затоа е несоодветно да се прават вакви споредби, тоа е како да се прави споредба на автопат и експресен пат“, се вели во соопштението.
Автобусите што беа предмет на набавка целосно електрични автобуси, додава Министерството.
„Доколку се прави споредба за слични проекти, на пример во Загреб се набавени 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра, а во Македонија се набавија 150 автобуси и 75 полначи со вкупна вредност од 59,9 милиони евра“, потенцира Министерството за транспорт.
Покрај еколошките придобивки, набавката на нови автобуси носи и економска исплатливост на подолг рок со намалени трошоци за одржување и енергија, се додава во соопштението.
„Ова е дел од стратешкиот план за трансформација на градскиот сообраќаен систем и подигнување на економичноста на транспортната мрежа. Со оваа инвестиција испраќаме јасна порака во борбата против аерозагадувањето и подобување на условите за граѓаните во делот на користење на јавниот превоз, како долгорочна инвестиција во транспортниот сектор и јавните услуги“, соопшти Министерство за транспорт.
Денеска невладината организација Центар за граѓански комуникации објави истражување за набавката на автобусите, во кое беше наведено дека новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што претставува намалување за дури 20 места во споредба со последно купените возила за градскиот превоз, односно 30 места помалку во однос на автобусите донирани од ЕУ.
.
Извор: plusinfo.mk