Новиот гувернер со совет: Не е срамота да работите по 2, 3 работи за минимална плата!
Новиот гувернер на Народната Банка, Трајко Славески во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 истакна дека не е срамота да се работи по 2 или 3 работи за минимална плата.
Како што вели, извртено е значењето на минималната плата и истата не гарантира дека може да се издржува четиричлено семејство.
„Го извртевме значењето на минималната плата, во светот таа не гарантира дека може да се издржува 4-члено семејство. Јас сум работел за минимална плата во САД, во Бостон, во супермаркет додека студирав. Се знае каков стандард можете да обезбедите со тоа, и тие што земаат минимална плата работат по 2-3 работи. Би порачал во одреден период во животот, тоа не е срамота, како дополнителна работа може да работи за минимална плата, но трудете се никогаш повеќе, според своите квалификации, да не се најдете во ситуација да барате минимална плата“, вели Славески.
Тој додаде дека според најновите податоци на Евростат, минималната плата во Македонија има поголема куповна моќ од десет земји членки на Европската Унија.
„Многу е важно да се прави разлика меѓу номиналната вредност и реалната куповна моќ на платата. Ние живееме и трошиме овде, во Македонија. Ако ја споредиме куповната моќ на минималната плата, излегува дека со неа може да се купи повеќе отколку во земји како што се Португалија, Грција, Кипар, Малта, Унгарија, Словачка, Чешка, Бугарија, Естонија и Латвија.“ истакна Славески.