Нови средства за зелени проекти – Европската банка за обнова и развој инвестира во македонската енергетика
Стратегијата 2025–2030 предвидува нови средства и подршка за
зелени проекти – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини
ја зајакнува соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Министерката за енергетика и рударство и минерални суровини
Сања Божиновска одржа продуктивна средба со претставници на Европската банка за
обнова и развој (ЕБРД), на која беа разгледани можностите за продлабочување на
соработката и поддршката во насока на зелената транзиција и одржливиот развој
на Македонија.
Една од главните теми на состанокот беше новата Стратегија за
Северна Македонија за периодот 2025–2030 година, која е во фаза на изработка.
Оваа стратегија има за цел да ги адресира предизвиците со кои се соочува
земјата и да го зајакне одржливиот развој. Нејзината финализација се очекува во
првата половина на 2025 година, а ќе биде насочена кон поддршка на зелена
економија, одржлива инфраструктура и регионална интеграција.
ЕБРД, како главен
институционален инвеститор во земјата, ја реафирмираше својата посветеност за
поддршка на реформите во инфраструктурата и енергетиката. Особен фокус беше
ставен на можностите за зголемување на инвестициите во обновливи извори на
енергија, модернизација на енергетската мрежа и унапредување на прекуграничната
поврзаност.
Претставниците на Министерството и ЕБРД истакнаа дека досегашната
соработка донесе значајни резултати, вклучително и финансиската поддршка за
изградба на првите соларни фото-волтаични капацитети во сопственост на ЕСМ,
како и проектите за проширување на капацитетите во Осломеј и термоелектраната
Битола.
ЕБРД досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во
Македонија, со акцент на енергетската транзиција, инфраструктурата и
зголемување на ликвидноста на енергетскиот пазар. Министерството за енергетика
и рударство и ЕБРД остануваат посветени на редовни средби и партнерство со цел
остварување на заедничката визија за економски напредок и зелена иднина.