
НОВИ ПРАВИЛА ЗА СУДИИТЕ: Собранието го изгласа Законот за Судски совет – Власта најавува реформи, Апасиев бара крај на „трајните мандати“
Собранието го изгласа новиот Закон за Судски совет. За парламентарното мнозинство, ова е „најдоброто законско решение досега“ кое ќе ја врати изгубената доверба во правосудството, но опозицијата и помалите партии имаат сериозни забелешки, иако дел од нив го поддржаа гласањето.
Целта на законот е отстранување на системските слабости преку воведување повисоки стандарди за транспарентност и отчетност.
Левица: „Шминка“ на стариот закон
Иако опозицијата го даде својот глас, тие забележаа дека недостасувала поширока јавна расправа и консултација со Венецијанската комисија.
Најостри во критиките беа од Левица. Лидерот Димитар Апасиев смета дека се работи за речиси исто законско решение каде е сменета само една третина од содржината.
„Ова нема да стави крај на судските саги. Сè уште не е прецизирана одговорноста за судиите и постапката за нивно разрешување, освен онаа за претседателот на Судскиот совет. Судиите мора да имаат јасно утврден мандат, а не траен“, порача Апасиев.
Што носи новиот закон?
Клучните новини кои треба да го „дисциплинираат“ Судскиот совет вклучуваат:
Јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет.
Строги критериуми за избор на членови кои се дефинираат како „истакнат правник“.
Јавна расправа при изборот на кандидати за не-судски членови, со цел да се избегнат партиски влијанија.
Засилена одговорност и прецизирана постапка за дисциплинска одговорност на судиите.
„Дупка“ во законот: Аљбан Кадриу ќе се бира по старо
И покрај строгите критериуми што се воведуваат, тие нема да важат за сите. Полицискиот инспектор од Тетово, Аљбан Кадриу, кого Собранието го предлага за член на Судскиот совет, ќе биде избран без заострените критериуми.
Причината е што неговата постапка за избор била започната пред донесувањето на новиот закон, па тој ќе „се провлече“ според старите правила.
