
НОВИ ДЕТАЛИ ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО ВЕЛЕС: Убиената девојка претходно пријавувала семејно насилство, поранешниот сопруг ѝ го запалил и автомобилот
Трагедијата во Велес во која животот го загубија три лица добива нова, постравична димензија, откако се појавија информации дека настанот е кулминација на долга историја на семејно насилство. Според новите сознанија, 31-годишната Р.К., која попладнево беше усмртена од нејзиниот поранешен сопруг, претходно повеќе пати го пријавувала во полиција за насилство.
Како што дознава 4NEWS.mk, пред извесно време, 39-годишниот И.С., кој денеска ја уби неа и нејзиниот татко пред да си го одземе животот, ѝ го запалил и автомобилот, што укажува на историја на ескалирачко насилство.
Овие нови информации фрлаат поинакво светло на денешниот настан. Според првичното соопштение од МВР, Р.К. била пронајдена со убодни рани на улица, по што им подлегнала на повредите во болница. Веднаш потоа, во домот на нејзиниот татко К.К. (68) на истата улица, полицијата го пронашла и неговото тело, како и телото на поранешниот сопруг И.С., сите со повреди од остар предмет.
Првичната полициска верзија беше дека поранешниот партнер, идентификуван како И.С., ги нападнал двајцата, по што извршил самоубиство.
Новите сознанија дека жртвата претходно барала заштита од институциите отвораат сериозни прашања за тоа дали системот затаил и дали оваа трагедија можела да биде спречена.
