
Нови блокади на Евзони: Прекини во сообраќајот во два термини
Грчките земјоделци денеска продолжуваат со протестите на граничниот премин Евзони, најавувајќи две четиричасовни блокади за сите возила. Сообраќајот ќе биде во прекин од 11 до 15 часот и од 17 до 21 часот по македонско време.
Протестите, кои траат точно еден месец, се насочени против високите трошоци за производство, ниските откупни цени и доцнењето на европските субвенции. И покрај денешните блокади, се очекува од утре до петок преминот да биде слободен за сообраќај поради новогодишните празници.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис упати апел за дијалог, предупредувајќи дека долготрајните блокади кои ги вознемируваат граѓаните ја намалуваат оправданоста на барањата на земјоделците. Тој истакна дека огромното мнозинство од земјоделците во Грција не учествуваат во блокадите и повика на олеснување на патувањето за време на празничниот период.
Земјоделците в сабота ќе одржат заеднички состанок на кој ќе ги дефинираат следните чекори на нивното делување.
