
Новата еврообврзница нема да ја чини државата поскапо од пропадната, уверува Бесими
Mинистерот за финансии, Фатмир Бесими вели дека новата еврообврзница нема да ја чини државата поскапо од пропадната, поради намалувањето на стапката на инфлација за март во однос на февруари. Се чекаше потпис од новиот министер за правда и за да не се повтори истата ситуација, Бесими најавува законски измени.
„Во услови на инфлација што од октомври наваму, минатата година беше 19,8 отсто и секој месец намалуваме, за да последното биде 16,7 отсто – сепак реалната каматна стапка од 6,9 отсто во однос на последната 16,9 отсто значи е минус. Ќе имаме интервенции во законот за наредниот период за да може да има флексибилност во тој дел. Инаку не сакавме во ниту еден случај да оставиме било каква дилема за различно толкување за тоа кој, како и дали можел да го потпише тој документ“, изјави Бесими.
Аукцијата за издавање на еврообврзницата се одржа на 6 март, а Министерството за финансии објави дека поминала успешно со четирипати повисок интерес од инвеститорите во однос на понудата.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека треба да има одговорност доколку се утврди човечка грешка за повлекувањето на еврообврзницата.
Преку аукцијата се обезбедија 500 милиони евра по купонска камата од 6,96 отсто, додека дополнително 100 милиони евра се обезбедуваат од инструментот за макрофинансиска поддршка на Европската комисија, по каматна стапка од приближно 3 отсто, соопшти тогаш Министерството за финансии.
фото принтскрин
