
Нов силен земјотрес на Филипините
Земјотрес со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала го погоди рано брегот на јужните Филипини, соопшти Американскиот геолошки институт, што е последен во серијата силни потреси со центар во областа.
Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 38 километри. Следеа последователни потреси. Сето ова принуди илјадници да ги напуштат своите домови и да се упатат кон центрите за евакуација, пренесува Ројтерс.
Доцна во неделата, повеќе од 108.000 луѓе беа во 115 центри за евакуација во Суригао дел Сур, покажаа владините податоци.
Земјотрес со јачина од 7,6 степени по Рихтер проследен со неколку силни последователни потреси го потресе островот Минданао во саботата, при што загинаа најмалку две лица, а четири беа повредени.
Земјотресите се вообичаени на Филипините, кои се наоѓаат на „Огнениот прстен“, појас од вулкани што кружат околу Тихиот океан кој е подложен на сеизмичка активност.