
НОВ БРАН ОТКАЗИ – Компанијата Волт Дизни отпушти 4.000 работници, но тука не е крајот
Компанијата Волт Дизни ја започна втората од трите фази на отпуштања. Во овој бран без работа остануваат дури 4.000 работници, а најавите се дека ќе бидат отпуштени вкупно 7.000 работници.
Копретседателите на „Disney Entertainment“ Алан Бергман и Дејна Волден во писмо до вработените изјавиле дека треба да се донесат тешки одлуки, пренесува Анадолија.
„Но, секоја одлука е донесена со внимателно размислување и правиме се што можеме за да обезбедиме овој процес да се води со почит и сочувство“, се вели во меморандумот.
Третиот бран отпуштања се очекува пред почетокот на летото.
Американскиот конгломерат во февруари објави дека сака да заштеди околу 5,5 милијарди долари трошоци, поради економската неизвесност.
Работната сила на компанијата на 1 октомври минатата година броеше 220.000 работници, па отфрлањето на 7.000 работни места значи намалување за околу три отсто.
Повеќе од десетина компании во САД, особено во технолошкиот сектор, отпуштаат работници бидејќи индустријата се бори со пониски приходи, пад на приходите од реклами и стравувања од рецесија.
Во последните месеци, Amazon, Yahoo, Affirm, Zoom, Dell, IBM, Microsoft, Salesforce, PayPal и матичната компанија на Google Alphabet отпуштија илјадници работници.
