
„Ниту сум била, ниту ќе бидам“, вели Шекеринска за ТВ21 по најавите на Мицкоски дека таа е кандидатот на СДСМ за претседател
Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска во разговор за ТВ21 целосно ги отфрла наводите дека токму таа е кандидатот од СДСМ за прв човек на државата.
„Ниту сум била, ниту ќе бидат, на сите тоа им е јасно“, ни изјави вечерва таа.
Во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека слушнал гласини дека токму Шекеринска ќе биде изборот на СДСМ за кандидат за претседател.
„Последната која што ја добив е дека на едно место, пред некој ден кажал дека Радмила Шеќеринска ќе била сега кандидат за претседател. Имајќи предвид дека Шекеринска како претседател на СДСМ го има до сега убедливо најслабиот изборен резултат кој што го имала СДСМ, кој што според мене на следните избори ќе биде многу посакуван од СДСМ, бидејќи тие ќе одат многу подоле од тој резултат“, вели Мицкоски во вечерашното издание на Клик Плус на ТВ21.
Претседателот на СДСМ пак во интервју за МИА најави дека партијата ќе кандидира свој човек за претседател.
„Не би сакал во моментов да истакнувам ниту еден кандидат со оглед на тоа дека тоа е не ниту статутарно, не е ниту етички од моја страна. Меѓутоа, само ќе истакнам дека бидејќи најмногу прашања се вртат околу тоа дали претседателот Пендаровски ќе оди за втор мандат јас сметам дека тој одлично ја обавуваше својата функција во текот на изминатите пет години, токму ги застапуваше вредностите коишто јас сега ги кажав, меѓутоа и коишто ги споделува нашата партија, вредностите коишто ги споделува и нашата коалиција, односно коалиционите партнери на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“ – изјави Ковачевски.
Изборната кампања за претседателските избори од 4 до 22 април.
