
Ниска доверба и предизвици за медиумите во Македонија
Спорите реформи, политичките влијанија, економската несигурност и ширењето на дезинформации ја намалуваат довербата на јавноста во медиумите, се наведува во извештајот „Во сенка на слободата на медиумите во Северна Македонија“ на ОВСТ и Метаморфозис.
„Медиумите не се финансиски одржливи, истражувачките редакции најмногу страдаат, а новинарските плати се под просекот во државата. Професионалните стандарди често се заобиколуваат, а дезинформации се појавуваат и во мејнстрим медиумите“, велат авторите.
Извештајот посочува дека неплурализмот и поделеноста на пазарот создаваат финансиски тешкотии и зависност од државно финансирање, особено во предизборни периоди. Дополнително, бавните судски постапки и неефикасните истраги ја ослабуваат заштитата на новинарите, а онлајн нападите се во пораст.
Авторите предлагаат решителни чекори од државата и ЕУ за заштита на слободата на медиумите во согласност со европските стандарди.
