
Николовски: 2024 е година на нови мерки во сточарството, 100% за зелена нафта и уште посилна поддршка за сите земјоделци
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска на прес-конференција до земјоделците ги презентираше новите мерки за 2024 година, за поддршка на секој еден земјоделец.
Ви ја пренесуваме интегрално прес-конференцијата на министерот Николовски.
„Почитувани земјоделци,
Владата ги усвои предложените годишни програми за работа на министерството за 2024 година. Уште еднаш на дело, како министерство и Влада, докажуваме дека, за нас, земјоделството е важен сектор, но и важна економска гранка за развој на домашната економија и одржлив развој во руралните средини.
Водиме искрена грижа за сите земјоделци. Креираме повеќе нови мерки поддржувајќи го секој еден земјоделец. Мерки според потребите на земјоделците, преку кои ќе постигнеме одржливост и развој во земјоделството. Мерки, како и секогаш, креирани во соработка и дијалог со земјоделците и подсекторските групи во министерството.
Креирајќи повеќе нови мерки за поддршка на сточарите, со право велиме дека оваа 2024 година ќе биде година на сточарството.
Поддршката за женски грла говеда постари од 12 месеци ја зголемуваме од 4.000 на 12.000 денари. Корисници на оваа мерка се земјоделските стопанства одгледувачи на говеда, и кои сопственото производство на млеко го предаваат на регистрирани откупувачи или продале говеда во преработувачки капацитети.
Се зголемува и поддршката за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет од 400 на 1.000 денари. Корисници на оваа мерка се земјоделски стопанства одгледувачи на овци и кози, кои имаат предадено јагне или гаре во регистрирани кланични капацитети, за периодот од 26 декември 2023, до 25 декември 2024 година.
Зголемување од 120 на 150 денари имаме и кај мерката за амортизирани несилки предадени во регистриран кланичен капацитет.
Зголемувањето кај овие мерки за сточарите има за цел да даде поголем мотив, сигурност и поддршка во работата на сточарите, но и на долг рок, да даде резултати во зголемување на домашниот сточен фонд, производството на млеко и месо. Ова зголемување следува откако во 2023 година, преку новиот систем за контрола предвиден со новиот модел за субвенционирање, ставивме ред, добивајќи ја реалната бројка на животни за кои се исплаќа финасиска поддршка.
Како држава годишно извезуваме околу 200.000 јагниња, а преку овие нови мерки, како министерство, очекуваме и раст во бројка на извезени македонски јагниња.
Креираме нова мерка за поддршка во одржување на ливадите, во висина од 6.000 денари по хектар. Мерка по европски стандарди, која има за цел да ги стави во функција површините со намена ливади и пасишта, за производство на храна за добитокот. Ова е агроеколошка мерка, каде корисници се земјоделските стопанства, кои располагаат со ливади во своја сопственост или со договор за закуп и истите се користат за напасување или косење. Минималната површина со ливади која едно земјоделско стопанство треба да ја има е 1 хектар.
Го помагаме сточарството зголемувајќи ја платата за овчарите, од досегашните 360.000 денари по овчар, на 620.000 денари, а дополнително се трга досегашниот критериум над 700 метри надморска висина. Ваквата мерка за сточарите ја обезбедуваме преку Програмата за рурален развој, помагајќи во трошоците за ангажирање на работна сила за чување и напасување на добитокот на пасишта или ливади.
Исто така стартуваше и процесот на вкрстена сообразност, поттикнувајќи ги земјоделските стопанства целосно да ги исполнат посебните услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина. Во случај, кога со контролите се утврдува неисполнетост на некои од пропишаните услови, за разлика од претходно, сега се врши намалување на директните плаќања. Од 1% до 100%, односно до целосно исклучување, во зависност од сериозноста, повторувањето, обемот и времетраењето на неусогласеноста.
Токму оваа 2024 година, сточарите, заедно со земјоделците ќе добијат авансна исплата на 30% од основните субвенции за 2024 година. Исплатата пак на дополнителните 70% од субенциите, кај сточарството се поврзува со предавање на производството во регистрирани преработувачки капацитети, млекарница или кланица.
