
Никој не ги победува 10 пати по ред: Феникс сензационално до триумф против МЗТ (ФОТО)
Овој тим со тоа стави крај на непријатната серија од девет порази по ред во пресметките со далеку пореномираниот сосед од „Јане Сандански“, кого досега го победија само еднаш и тоа пред нешто повеќе од една година. Клучен за нивниот триумф беше блескавиот старт и серијата 20-2 со која го почнаа натпреварот, а која со осумте поени во низа во вториот период достигнаа и до највисоки плус 20 (37-17). Аеродромци дури во третиот период заиграа како што знаат, па со нивна серија 20-3 намалија на минус еден (48-49) пред крајот на овој дел од натпреварот, најавувајќи возбудлив финиш.
Сино-белите на стартот од последната четвртина дури и дојдоа до солидна предност (57-53), но како да снемаа сили да ја задржат. Тоа го искористи полетниот домаќин, кој на ова одговори со серија 12-2 за ново повеќе од солидно водство (65-59), кое потоа умешно го задржа до самиот крај. Американецот Џозеф Рис со 22 поени и седум скока беше најдобар кај Феникс, каде што одлично одиграа уште Андреј Митревски со 15 и Бојан Трајковски со 12 поени и пет скока. Војдан Стојановски со 18 скока и шест скока беше убедливо најдобар кај МЗТ.

Во вториот вечерашен меч од 18. коло од Првата лига, Работнички лесно и убедливо ја прегази Академија ФМП со 99-52 што значеше изедначување на учинокот со вечниот ривал и преземање на лидерската позиција на табелата.
ТАБЕЛА: Работнички 14-4, МЗТ 14-4, Чаир 13-5, Еуро Никел 12-6, Пелистер 12-6, ТФТ 12-6, Феникс 11-7, Гостивар 5-13, Кожув 4-14, ГКК Охрид 4-14, Академија ФМП 4-14, Вардар 3-15.






