
Ни пристигнува топлотен бран во Македонија, еве неколку совети кои можат да ви го спасат животот
Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија ни најави топлотен бран од понеделник.
Според моменталните параметри од понеделник ќе започне живата на термометарот постојано да се качува и во четврток ќе го достигне својот максимум кога се очекува да бидат измерени 40 степени целзиусови во сенка.
Препораки во случај на топлотни бранови
„Во последната деценија има тренд на пораст на температурите во летниот период, што влијае на здравјето на милиони луѓе. Поради топлотните бранови светот веќе ги чувствува штетните ефекти, а тие веројатно ќе се зголемат. Во Европа , евидентиран е пораст на смртноста поврзана со екстремни горештини, а проценките укажуваат на веројатноста за зголемени здравствени ризици поради топлотните бранови кои предизвикуваат сериозни здравствени и социјални последици. Со оглед на тоа што навремените превентивни мерки можат да го намалат бројот на смртни случаи од топлотните бранови, вие препораки за заштита од екстремна топлина.
Изладете го вашиот дом:
Обидете се да го изладите просторот во кој живеете. Измерете ја собната температура помеѓу 8 и 10 часот, во 13 часот и навечер по 22 часот. Идеално би било температурата во просторијата да се одржува под 32°C во текот на денот и под 24°C во текот на ноќта. Ова е особено важно за децата или ако имате над 60 години и имате хронични здравствени проблеми.
Користете го постудениот ноќен воздух за да го разладите вашиот дом. Отворете ги сите прозорци или ролетни во текот на ноќта и раните утрински часови кога надворешната температура е пониска (ако е можно).
Намалете ја количината на топол воздух во станот или куќата. Во текот на денот затворете ги прозорците и ролетните (ако ги имате), особено оние што се свртени кон сонцето. Исклучете ги сите вештачки светла и колку што е можно повеќе електрични уреди.
Ставете завеси, драперии, тенди на прозорците кои примаат утринско или попладневно сонце.
Кога ќе го вклучите уредот за ладење (клима уредот), затворете ги вратите и прозорците за да не трошат повеќе енергија отколку што е потребно.
Електричните вентилатори можат да обезбедат олеснување и освежување, но ако температурата е над 35°C, тие нема да спречат топлотна болест.
Останете настрана од топлина:
Засолнете се во најстудената просторија на станот/куќата, особено ноќе.
Ако не можете да го одржувате станот/куќата ладен, поминете 2-3 часа дневно на ладен простор (на пр. јавна зграда што се лади).
Избегнувајте излегување во најтоплиот дел од денот.
Избегнувајте напорна физичка работа. Ако треба да работите напорно, направете го тоа во најладниот дел од денот, кој обично е помеѓу 4 и 7 часот наутро.
Барајте сенка.
Не оставајте деца или животни во паркирано возило.
Редовно користете креми со заштитен фактор од штетното УВ зрачење. Посебна грижа треба да се посвети на новороденчињата и малите деца. За нив треба да се користат заштитни креми со највисок фактор.
Прилагодете ја вашата изложеност на сончевото УВ зрачење земајќи ги предвид дневните промени во вредноста на УВ индексот.
Оладете го телото и пијте доволно течности:
Избегнувајте да бидете на сонце во периодот од 10 до 17 часот, особено деца, трудници, постари лица, срцеви пациенти и пациенти со дијабетес.
Туширајте се или бањајте се во млака вода. Друга опција е покривање со ладни влажни крпи, ладење со влажен сунѓер, купки за стапала итн.
Носете лесна, широка и светла облека од природни материјали. Ако одите надвор, носете капа или шешир со широк обод и очила за сонце.
Користете лесни постелнина и чаршафи, по можност без перници, за да избегнете акумулација на топлина.
Пијте редовно течности, но избегнувајте алкохол и пијалоци со премногу кофеин и шеќер. Важно е да пиете доволно течности, но не наеднаш.
Почесто јадете мали оброци. Избегнувајте храна богата со протеини.
Помогнете им на другите:
Посетете ги семејството, пријателите и соседите кои поголемиот дел од времето го поминуваат сами. На чувствителните луѓе можеби ќе им треба помош за време на топлите денови.
Разговарајте за топлотниот удар со членовите на семејството. Со оглед на неговата здравствена состојба и активности, секој член на семејството треба да знае какви заштитни мерки мора да преземе.
Ако некој што го познавате е изложен на ризик, помогнете му да добие совет и поддршка. Постарите и болните лица кои живеат сами треба да се посетуваат барем еднаш дневно.
Ако земаат лекови, проверете кај лекарот што ги лекува каков ефект може да имаат овие лекови врз терморегулацијата и балансот на течности во телото.
Посетете курс за прва помош за да научите што да правите во случај на топлотен удар и други итни случаи. Секој треба да знае како да реагира.
Доколку имате здравствени проблеми:
Чувајте ги лековите на температура под 25°C или во фрижидер (прочитајте ги упатствата за чување на лекот во упатството за употреба на лекот).
Побарајте совет од лекар ако имате хронична болест или земате повеќе лекови.
Ако вие или другите околу вас не се чувствувате добро:
Побарајте помош ако се чувствувате вртоглавица, слаб, уморен, вознемирен или екстремно жеден и имате силна главоболка; одете на поладно место што е можно поскоро и измерете ја температурата.
Пијте вода или овошен сок за да се рехидрирате.
Смирете се и легнете во ладна просторија ако имате болни грчеви, најчесто во нозете, рацете или стомакот, често после работа или вежбање при многу топло време, пијте течности кои содржат електролити и ако грчевите перзистираат повеќе од час, побарајте медицинска помош.
Консултирајте се со лекар во случај на други поплаки или ако опишаните поплаки траат подолго.
Ако некој од членовите на вашето семејство или луѓето на кои им помагате има жешка сува кожа или делириум (некохерентно зборува и немирен), конвулзии и/или е во несвест, веднаш повикајте лекар/ургентна медицинска помош. Додека чекате лекар/итна помош, ставете го лицето во ладна просторија во хоризонтална положба, подигнете ги нозете и колковите, извадете ја облеката и започнете со надворешно ладење – како што се ладни облоги на вратот, пазувите и препоните со вентилатор и прскајте кожата со вода на 25 -30°C. Измерете ја температурата на вашето тело. Оладете го лицето додека температурата на телото не падне под 38°C. Не давајте ацетилсалицилна киселина или парацетамол. Ставете го онесвестеното лице во лежечка положба на страна.
Следете ги препораките на локалните здравствени установи за цело време на интензивните горештини“.