
„Неписменоста не смее да биде изговор“: Јаневска: Доволно е основно образование за возачка дозвола, државата нуди бесплатна доедукација
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска упати порака до граѓаните кои преку протести бараат олеснување или ослободување од обврската за полагање возачки испит поради неписменост.
Таа нагласи дека законскиот минимум за возачка дозвола е основно образование и дека државата веќе нуди низа инструменти за негово стекнување.
Министерката посочи дека неписменоста не смее да биде изговор, бидејќи постојат реални можности за доедукација на сите возрасти:
Лицата до 25 или 29 години кои ја надминале школската возраст можат бесплатно да се едуцираат и да го завршат основното образование.
Преку „Декадата на Ромите“ и посебни програми на МОН во соработка со странски партнери, се овозможува дооформување на образованието според потребите на пазарот на трудот.
Јаневска истакна дека државата вложува сериозни ресурси за да спречи создавање на нови генерации неписмени граѓани.
„Ангажираме и плаќаме 40-ина ромски медијатори чија задача е да ги вратат децата во училишните клупи. Често се случува децата да бидат запишани, но да не доаѓаат на настава или предвреме да го напуштат образованието“, изјави министерката.
Таа заклучи дека инструментите за подобрување на состојбата на Ромите постојат, но граѓаните треба да ги искористат овие можности за да ги исполнат законските услови за возачки испит и вклучување во општеството.

