
Нема сите да плаќаат казни – системот „Safe city“ предвидува и исклучоци
Системот „Безбеден град“, кој во моментов функционира во тест-период пред официјалниот старт – планиран за 1 јануари или еден месец подоцна – засега не овозможува внесување регистарски таблички што би биле изземени од автоматско генерирање прекршочни казни. Секое возило снимено дека го прекршува законот ќе добие соодветно известување за казна.
Ова, сепак, ќе се измени во иднина, пишува ТВ21. Регистарските таблички на возилата со првенство на минување – брза помош, противпожарни и полициски возила – ќе бидат внесени во системот и за нив нема да се процесираат казни. Сепак, снимките и доказите ќе останат архивирани.
„Во иднина, согласно законските прописи, возилата со првенство на минување ќе се евидентираат во системот и за истите записите нема да се бришат. Тие ќе се чуваат во лог-менаџмент“, изјави за ТВ21 портпаролката на МВР, Маја Арсовска Манов.
Ова отвора дилемa за можни злоупотреби – дали лица со пристап до системот би можеле, намерно или по нечија наредба, да внесат регистарски таблички на други возила што не се службени: политички, влијателни или приватни. Од МВР уверуваат дека ќе има механизми за строга контрола.
„Тоа се реформите на кои се работи. Меѓутоа, министрот за внатрешни работи ќе одлучи како ќе се врши контролата. А контрола, секако, ќе има“, додава Арсовска Манов.
Дополнително, силни реакции на социјалните мрежи се однесуваат на непостоењето на сообраќајна инфраструктура која треба да го придружува системот „Безбеден град“. Пред сè, се посочува недостигот од т.н. „зелен бран“ – синхронизација на семафорите што обезбедува последователно активирање на зеленото светло за возила што се движат со препорачана брзина од 40 до 50 км/ч.
Од Град Скопје за ТВ21 велат дека во Сообраќајниот центар при ‘Улици и патишта’ во моментов се работи на решение за повторно воведување на т.н. ‘зелен бран’ во Скопје, кој ќе ги опфати најфреквентните улици во главниот град.
Опцијата „зелен бран“ во Скопје функционираше пред околу една деценија, по што престана да се применува.
