
Нема пореметување на летовите на „Виз Ер“ во Скопје и Охрид по ажурирање на софтверот на авиони од фамилијата „Ербас 320“
Унгарската нискобуџетна авиокомпанија „Виз Ер“ соопшти дека нема пореметување на летовите од аеродромите во Скопје и Охрид. Компанијата објави дека е извршено ажурирање на софтверот на сите авиони од фамилијата „Ербас А320“.
„Ажурирањето на софтверот успешно е имплементирано во текот на ноќта на сите засегнати авиони од фамилијата „Ербас А320“. Сите летови се одвиваат без прекини“, соопштија од „Виз Ер“.
Компанијата има стационирано пет авиони од типот „Ербас А321 нео“ на Скопскиот аеродром и остварува околу 60 проценти од вкупниот авиосообраќај во Македонија, летувајќи исклучиво со авиони од фамилијата „Ербас 320“.
Ова следи по глобалното известување на „Ербас“ дека привремено ќе бидат приземјени околу 6.000 авиони поради откриено влијание на силна сончева радијација врз компјутерските системи за контрола на летот. Проблемот бил откриен за време на истрага на инцидент минатиот месец, кога авион на „ЏетБлу“ кој летал од САД до Мексико нагло изгубил висина, принудувајќи го слетувањето во Флорида, при што биле повредени најмалку 15 лица.
„Ербас“ соопшти дека авионот ќе се врати во функција по брзо ажурирање на софтверот, а „Виз Ер“ потврди дека сите нивни летови во Македонија се безбедни и редовни.
