
Нема лекови во болницата во Косовска Митровица
Болницата во Митровица е пред хуманитарна катастрофа.
Таа е без потребните лекови, предупредува директорот на Клиничкиот болнички центар Златан Елек. Тој објаснува дека од 2021 година, кога била одбиена последната јавна набавка, центарот нема континуирано снабдување со толку потребните лекови. Снемува кислород, а сосема се истрошени и залихите на лекови за пациентите од онкологија.
„Им недостигаат потребните терапии кои им значат живот“, посочува Елек, пренесуваат српските медиуми.
Движењето меѓу централна Србија и областите на северот на Косово и Метохија е ограничено поради блокадата на преминот Јариње, преку кој може да се излезе, но не и да се влезе на север. На пунктот Брњак кај Зубин Поток од 5 октомври е можно да се движи во двата правци, но пракса е лековите, парите и другите потреби и трансакции да се вршат преку Јариње. Според полицијата, пунктот Јариње е блокиран за влез од централна Србија поради полициски претрес на теренот, објави РТС. Неодамна имаше престрела во Бањска меѓу српска вооружена група и косовската полиција. Загина еден косовски полицаец и четворица Срби.
