НЕКОИ СУДИИ ГИ РУШАТ СТАНДАРДИТЕ ВО ПРАВОСУДСТВОТО Врховниот суд треба да даде одговори за „Ласкарци“ и за „Модуларна болница“
Поединци во судството ги рушат стандардите што се постигнати со законските измени и со напорите на институциите за подобрување на правосудството, оцени пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, во гостувањето во Дневникот на телевизија Алсат.
Тој го посочи Врховниот суд како важен чинител во владеењето на правото и побара одговорност за судските одлуки во предметите „Ласкарци“ и „Модуларна болница“.
– Не може правосудството да биде оценувано само преку законите што ги носи Собранието. Тука улога има и Владата и Собранието и Јавното обвинителство и судиите. Еден систем на поврзани садови – рече Милошоски.
Според него, Собранието донело закони што придонесуваат за подобрување на состојбите во правосудството, додека и Владата вложува напори во таа насока. Сепак, смета дека одредени постапки на судиите ги поткопуваат постигнатите резултати.
– Но, би сакал да напоменам дека има некои актери, можеби се поединци во судството, коишто ги рушат овие постигнати стандарди – истакна пратеникот.
Милошоски посебно се осврна на судските постапки поврзани со автобуската несреќа кај Ласкарци и со пожарот во модуларната болница во Тетово. Според него, во двата предмета повеќе институции вложиле значителен труд во обезбедувањето докази, но Врховниот суд донел одлуки со кои пресудите биле укинати и предметите вратени на повторно судење.
– Имате два случаи од висок јавен интерес, како случајот „Ласкарци“ и „Дурмо турс“, вториот случај е за „Модуларна болница“. Во овие два случаи и извршната власт, и МВР, и обвинителството и многу други чинители вложиле многу труд да обезбедат докази – рече Милошоски.
Тој смета дека јавноста треба да бара отчетност и од судиите, а не само од носителите на извршната и законодавната власт.
– Ако можат премиерот, министерот Тошковски, министерот Шасивари да даваат одговори, транспарентно, за состојбата во правосудството пред јавноста, тогаш може и претседателот на Врховниот суд да даде одговори за тоа дали владеењето на правото е начелниот принцип по којшто работи – изјави Милошоски.
Пратеникот потсети дека Собранието усвоило закони за Судскиот совет, за јавнообвинителската служба и за судската служба, но нагласи дека пратениците не можат да одлучуваат за конкретни судски предмети.
Според него, одредени судии треба да преиспитаат дали при одлучувањето се водат исклучиво од законот или врз нивните одлуки влијаат други интереси.
– Но ние како Собрание, не можеме да бидеме судии и кај предметите од висок јавен интерес некои судии треба да преиспитаат дали судат според закон или судат според некаква материјална, лична или политичка блискост кон некоја странка – рече Милошоски.
.
Извор: plusinfo.mk