
„НЕКОЈ МИ ТРОПА НА ВРАТА, СЕ ПЛАШАМ“: Потресно сведоштво на таткото на втората жртва од Старо Нагоричане
Последниот телефонски разговор со 35-годишната Марија Маринковска бил исполнет со страв и претчувство за најлошото. Ова се деталите од болното сведоштво на нејзиниот татко, Зоран Маринковски, чие семејство помина низ вистински пекол – од погреб со убедување дека се работи за природна смрт, до страшната вистина откриена по ексхумацијата.
Таткото Зоран се потсетува на моментот кога ја изгубиле врската со својата ќерка. Додека тој и неговата сопруга залудно се обидувале да ја добијат на телефон, Марија последен пат се слушнала со својот брат.
„Ја баравме на телефон на 18 јануари, не се јави. Последен жив ја слушна нашиот син. Му кажала дека некој ѝ тропа на врата и дека многу се плаши“, раскажува низ солзи Маринковски.
Семејството првично ја погребало Марија мислејќи дека причината за смртта се здравствени компликации предизвикани од алкохол. Сепак, сомнежите и истрагата доведоа до наредба за ексхумација по 40 дена од погребот.
Обдукцијата ја потврди најстрашната претпоставка – Марија не починала природно, туку станува збор за насилна смрт, што ја вбројува како втора жртва на осомничениот сериски убиец од Драгоманце.
Според тврдењата на нејзиниот татко, Марија подолго време живеела во страв. Таа им се доверила на родителите дека осомничениот постојано ја следи, а случајот дури бил пријавен и во полиција.
Овој случај ја отвори јавната дебата за безбедноста на жените во руралните средини и за тоа дали соодветно се реагирало на претходните пријави за демнење.
