
Недостаток на терапија на Клиниката за онкологија: Пациентите разочарани, бараат долгорочни решенија
Во денешното издание на „Дејли Клик“ на ТВ21, акцентот беше ставен на сериозниот проблем со недостатокот на терапија на Клиниката за Онкологија. Како гости во студиото, Милица Кузмановска од Здружението ХЕМА-ОНКО и онколошката пациентка Ана Марјановиќ ја отворија оваа болна тема и говореа за предизвиците со кои се соочуваат пациентите.
„Точните бројки не ги знаеме, но, според нашите информации, околу 60 пациенти со рак на дојка во моментов немаат пристап до терапија. Канцерот е непредвидлива болест, и не секогаш може да се процени дали и кога пациентот ќе има потреба од лекови. Очигледно е дека во 2024 година набавката на лекови не беше добро испланирана, и сите се надеваме дека во 2025 година овие пропусти ќе бидат надминати“, изјави Марјановиќ.
Кузмановска го истакна проблемот со недостигот на регистар на пациенти, што ја отежнува организацијата и планирањето на терапиите. „Бројот на онколошки пациенти постојано расте, а системот не може да одговори на оваа реалност. Недостигот на регистар значи дека нема точни податоци за бројот на пациенти, што создава дополнителен хаос во здравствениот систем,“ додаде таа.
Пациентите, како што вели Марјановиќ, се сè повеќе разочарани од системот: „Канцерот сам по себе е огромен стрес за пациентот и за неговото семејство. Наместо да се фокусираме на борбата против болеста, постојано се соочуваме со краткорочни решенија и гасење пожари. Тоа само ја зголемува недовербата во системот, иако не во докторите, туку во организацијата на Онкологија.“
Пациентите и здравствените здруженија апелираат на итна потреба од долгорочна стратегија, што ќе вклучи стабилна набавка на лекови, регистрација на пациентите и систематски пристап за справување со растечкиот број случаи. Ова е повик за акција до надлежните, со надеж дека во иднина нема да се повторуваат истите грешки кои влијаат врз животите на оние што се борат со канцер.
