
„Не управувај моторно возило без положен возачки испит“, превентивна активност на полицијата
Секторот за внатрешни работи Тетово, вчера, стартуваше со практична имплементација на превентивно – едукативниот проект „Не управувај моторно возило без положен возачки испит, почитувај ги правилата и прописите во сообраќајот, заштити се себеси и другите“, а првите активности се реализираа во средните училишта во Гостивар. Со проектот ќе бидат опфатени 11 средни училишта на тетовско – гостиварското подрачје со над 1.500 ученици од втора година.
-На посебни часови, стручно обучени полициски службеници ги информираат, односно, запознаваат учениците со ризиците и законските импликации од управување на возила без претходно да посетуваат теоретска и практична обука и да го положат законски предвидениот возачки испит. Покрај ова, на учениците им се презентираат и основните правила и прописи во сообраќајот, им се даваат совети и препораки, во функција на нивна поголема безбедност како учесници во сообраќајот, информира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Носител на проектот е Отсекот за превенција на СВР Тетово, а се планира да заврши до средината на идниот месец. Негова приоритетна цел е да се подигне сообраќајната свест и култура на средношколците, дотолку повеќе, што некои од нив посегнуваат по возилата на нивните родители, пред да го положат возачкиот испит и, да се стекнат со соодветна дозвола за управување.

