
„НЕ СЕ СЕЌАВАМ НА ТАА НОЌ“: Штипскиот угостител Зарков кој си ја уби мајка си, седна на обвинителна клупа!
По две одложувања, во Основниот суд во Штип денеска започна судењето против познатиот угостител Стојанче Зарков, познат како Грофот, обвинет за свирепото убиство на својата 84-годишна мајка.
Пред судскиот совет, обвинетиот даде кус исказ во кој тврдеше дека има целосен прекин во сеќавањето за кобната ноќ на 8 август.
Според обвинителниот предлог, Зарков околу два часот по полноќ со нож ја усмртил сопствената мајка во нивниот дом, а веднаш потоа самиот го пријавил случајот во полиција.
Јавната обвинителка Тања Кацарова во воведните зборови побара изрекување на најстрога затворска казна. Таа го опиша чинот како длабока повреда на сите општествени и морални норми.
Наспроти тврдењата на обвинителството, адвокатот по службена должност, Донче Стаменков, побара ослободителна пресуда. Тој смета дека доказите се контрадикторни и дека кај Зарков воопшто не постоел мотив или намера да ја убие својата мајка.
Судскиот процес продолжува со изведување на докази и вештачења кои треба да утврдат дали и зошто познатиот штипјанец посегнал по животот на својата најблиска роднина.
