
Не е синот на Ѓорѓе Иванов, ама има коцкарски бизнис како директор на МЕПСО
Иван Иванов од Кочани е едно од имињата кои летово станаа нови членови на Управниот одбор на МЕПСО, а во меѓувреме откако стана јасно дека ќе биде еден од директорите на националниот оператор за пренос на електрична енергија, повеќе не е сопственик на фирма со удел во коцкарски бизнис со почетен капитал од 2,7 милиони евра.
Од овој месец Иванов повеќе не е сопственик на кочанската фирма Ривер Гем. Сопствеништвото му го преотстапил на извесен Горанчо Димитров од Истибања. Според дејноста на фирмата, друштвото се занимава со „изнајмување и давање под закуп (лизинг) на останати машини, опрема и материјални добра, неспомнати на друго место“.
Истата фирма Ривер Гем, додека Иванов бил сопственик, заедно со Амбасадор Тим Делчево со основна главнина од 2,7 милиони евра пред една година ја основале „Амбасадор Шери Гостивар“, со дејност коцкање и игри на среќа. Во истиот момент е регистрирана подружница „Амбасадор“ во Градскиот трговски центар – Скопје. Оваа фирма во моментов не е запишана како имател на лиценца за приредување игри на среќа во регистарот на Министерството за финансии.
Интересно е тоа што во 2022 е основана фирма со слично име „Амбасадор Шери Делчево“, но со додавка во името – „во ликвидација“. Дејноста е идентична, а исто и основната главнина од 2,7 милиони евра.
Актуелната власт го претставува Иванов како поранешен пратеник во Собранието и доскорешен директор на Водовод Кочани, како и вработен во Телеком, а по професија машински инженер. Во моментов не е познато на кој сектор во МЕПСО тој ќе биде директор.
Опозицискиот СДСМ при неговото именување за нов член на МЕПСО го помеша неговото име со синот на поранешниот претседател на земјата Ѓорѓе Иванов. Набрзо стигна и демант од Иван Иванов, синот на некогашниот шеф на државата.
Од јули за нов генерален директор во МЕПСО е назначен Бурим Љатифи, а за заменик-директор е поставен Александар Пауноски. Останати членови на Управниот одбор се Сашко Лакински, Васе Јовевски, Анастасија Илиеска и Мартин Малиновски.
А.К.
