
Надзорна расправа за аерозагадувањето – Гаши треба да назначи надлежно тело!
Владејачкото мнозинство со 61 потпис поднесе барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, за надзорна расправа на тема „Ефектите од аерозагадувањето врз здравјето и мерките за заштита“. Барањето доаѓа откако Комисијата за деловнички прашања утврди дека претседателот на Анкетната комисија за права на граѓанинот, Димитар Апасиев, требало да се консултира со останатите членови.
Пратеникот Бојан Стојаноски (ВМРО-ДПМНЕ) истакна дека нивното барање е речиси идентично со она на СДСМ и Левица, но со клучна разлика – е поддржано од 61 пратеник и бара претседателот на Собранието да назначи надлежно тело за расправата.
„Надзорната расправа треба да заврши со утврдување на одговорност за сите што со години не презеле мерки против аерозагадувањето. Нема да учествуваме во политички инсценирани дебати,“ изјави Стојаноски, обвинувајќи ја опозицијата за политизирање на темата.
Апасиев, пак, обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја саботираат расправата што тој веќе ја закажа за 25 февруари.
