
НА САЛИ БЕРИША МУ Е ОДЗЕМЕН ПАСОШОТ: Зет му заврши зад решетки
Апсење имаше синоќа во албанската престолнина Тирана. Јамарбер Малтези, зетот на екс албанскиот премиер Сали Бериша, кој претходно ја извршуваше функцијата шеф на Одделот за животна средина во Демократската партија, уапсен е синоќа на меѓународниот аеродром во Тирана, јави Топ чанел.
„Апсењето е по наредба на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК“, објави телевизијата.
Единственото досие со кое се поврзува неговото име и за кое е пријавен во СПАК е она за приватизацијата на поранешниот спортски клуб „Партизани“.
Тужбата во СПАК за ова досие ја покрена министерот за внатрешни работи Таулант Бала во времето кога беше координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија. Освен него тој го обвини и Бериша и тогашниот министер за одбрана Арбен Имами. Истрагата на СПАК траеше две години.
На Бериша му е одредна безбедносна мерка „Задолжително јавување“ а му е одземен и пасошот. Се товари за пасивна корупција, перење пари и прикривање имот.
Инаку, станува збор за имот од околу 10.000 м2, во центарот на Тирана кој е приватизиран во 2008 година за 100.000 долари, што е помала од вредноста на гарсониера продадена на тој простор.
Спортскиот клуб „Партизани“ беше најважниот спортски комплекс во сопственост на Министерството за одбрана, недалеку од центарот на Тирана, каде денеска се подигнати 17 повеќекатници.
Во мај пред две години поради вмешаност во корупција, САД ги прогласи за непожелни Бериша и неговото семејство
Инаку, лидерот на побројното крило на албанските опозициски демократи, Сали Бериша, на редовната неделна средба со новинарите најави протести и вонинституционална реакција од опозицијата. Тој предупреди дека „она што се случи во Собранието со бојкот и блокирање на работата на пленарната седница, е само почеток на бранот протести на опозицијата”. Не ја исклучи можности и за штрајк со глад.
