
На нова берза во Македонија се свртеле 34 милиони евра за половина година
Околу 34 милиони евра се свртеле на берзата за купување на електрична енергија „ден однапред“ за нешто повеќе од половина година откако започна со работа во 2023. Ова го покажува извештајот за работа на националниот оператор на пазарот на електрична енергија во Македонија, МЕМО, преку кој лани се движеле трансакциите.
Од 10 мај, од кога започна со работа берзата, до крајот на 2023, биле истргувани околу 530.000 мегаватчасови, а самиот МЕМО како организатор и словенечкиот сопственик на платформата за тргување обезбедиле неколку стотици илјади евра за себе од приходите за учество и провизии од дневните трансакции.
До крајот на годината за тргување на берзата за електрична енергија „ден однапред“ се пријавиле 28 учесници, меѓу кои такви како ЕВН Електрани, ГЕН-И, Дуферко, ТЕ-ТО Скопје, РЕС; Енерџи Активе, Универзал Енерџи, МЕПСО, Окта, ЕДС, ЕТМТ, Протергиа, ЕСМ, Данске Комодитис и други.
„Во периодот од отпочнување на работа на организираниот пазар на електрична енергија, секојдневно се одржуваа аукции и истите се реализирани без никакви проблеми од аспект на навременост на извршување и објавување на резултатите од аукциите“, заклучува МЕМО во годишниот извештај за работењето.
Инаку МЕМО на дневна основа ги објавува количините на дневни аукции во тргувањето со електрична енергија, но имиња на учесници и суми не се споменуваат. Сите учесници имаат доставено гаранции од депозити и банкарски гаранции.
Проектот е работен над пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското.
Берзата ја поттикнува конкуренција за постигнување оптимални цени на електричната енергија, подобрување на користењето на енергетската мрежа и обезбедување на дополнителни можности за инвестиции во областа на обновливи извори на енергија. Замислено е во иднина поврзување со берзите во соседството, а потоа и со пазарите во Европа.
А.К.
