
На местото на нападот во Анкара пронајдени 9,7 килограми експлозив
Речиси 10 килограми експлозив се пронајдени на местото на нападот пред Министерството за внатрешни работи во Анкара.
Според информациите на турската телевизија А-Хабер, 9,7 килограми пластичен експлозив Ц-4 носел терористот што го неутрализираше полицијата пред Министерството за внатрешни работи во Анкара. Полицијата успеала да го застрела терористот пред тој да се разнесе.
Пред тоа неговиот сопатник се разнел пред МВР. Во експлозијата се повредени двајца полицајци.
На местото на нападот пронајдени се и три рачни бомби, фрлач на гранати и огнено оружје, соопшти МВР.
Попладнето стана јасно дека Работничката партија на Курдистан (ПКК) ја презеде одговорноста за нападот.
Министерството за внатрешни работи подоцна соопшти дека еден од напаѓачите бил идентификуван како член на Курдистанската работничка партија (ПКК). Работите за утврдување на идентитетот на вториот терорист продолжуваат, се вели во соопштението на турското МВР.
Во меѓувреме, турското Министерство за национална одбрана на својата социјална мрежа Екс објави дека турските воздухопловни сили извршиле голем број акции во северен Ирак, каде што милитантите на ПКК имаат бази.
За време на операциите беа погодени 20 цели на ПКК во областите Метина, Хакурк, Кандил и Гара. Многу борци на ПКК беа убиени во нападите, соопшти Министерството за национална одбрана.
За време на отворањето на новата парламентарна година во Меџлис, претседателот Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција одлучно ќе ја продолжи борбата против тероризмот и дома и во странство „додека не биде елиминиран и последниот терорист“.
Курдистанската работничка партија, која води вооружена борба против турската држава од 1984 година, Анкара, ЕУ и САД ја сметаат за терористичка организација. Групата има бази во северен Ирак, а нејзините борци се активни во северна Сирија.
