
Најмалку четворица загинати во земјотресот со јачина од 7,2 степени во Папуа Нова Гвинеја
Најмалку четири лица загинаа, а стотици домови се уништени во северниот дел на Папуа Нова Гвинеја по вчерашниот земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтер, изјави официјален претставник, цитиран од Ројтерс.
Тимовите на националната спасувачка служба се испратени во близина на епицентарот на езерото Шамбри во оддалечена и мочурлива област во провинцијата Источен Сепик, изјави за Ројтерс сеизмологот од Геофизичката опсерваторија Порт Морезби, Феликс Тарану.
Четири лица загинаа, а 300 куќи покрај реката Сепик се уништени. Според непотврдени извештаи, има и други жртви, како и уште неколку стотици уништени куќи, додаде тој.
Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг денеска изјави дека нејзината земја е подготвена да пружи помош за закрепнување на погодените области.

