
Најмалку 20 цивили загинаа во вооружен напад во западен Судан
Најмалку 20 цивили загинаа во вооружен напад во провинцијата Северен Дарфур, на запад од Судан.
Гувернерот Нимир Абдулрахман изјави за Анадолу дека вооружените напаѓачи на мотоцикли и теренски возила синоќа отвориле оган врз жителите на градот Кутум, западно од главниот град на провинцијата Ал-Фашер.
Тој не даде повеќе детали за нападот, наведувајќи го прекинот на телекомуникациските услуги во областа како причина.
Гувернерот, сепак, не ја исклучи можноста нападот да е поврзан со актуелниот конфликт во Судан меѓу армијата и паравоените сили за брза поддршка (РСФ).
Најмалку 863 цивили се убиени, а илјадници се повредени во судирите меѓу двата воени ривали од 15 април.
