
Најмалиот Куран на светот колку поштенска марка се наоѓа во соседството
Најмалиот Куран на светот се наоѓа во Албанија.
Има димензии како поштенска марка. Оваа минијатурна света книга е на семејството Пруши од Тирана, кое го наследува ова скапоцено богатство од генерација на генерација, јави Еуроњуз Албанија (Euronews Albania) повикувајќи се на АФП.
„Марио Пруши, е 45-годишниот Албанец чие семејство ја поседува светата книга со големина на поштенска марка. Ритуалот е секогаш ист. Марио внимателно ги мие рацете и лицето пред да го бакне и стави на челото еден од најмалите Курани во светот. Со генерации, книгата се пренесувала во неговото семејство, преживеани војни и фанатичниот комунистички режим кој не дозволувал религија“, наведува истиот извор.
Малата книга ја чуваат во сребрена кутија, која потемнела со текот на годините. Сопственикот може да го чита овој минијатурен Куран само со лупа.
Тешко е да се одреди од кога датира овој Куран, но истражувачот Елтон Карај, вели дека книгата од 900 страници циркулира од 19 век.
Куран со димензии од 5.1 на 8 сантиметри има и во Обединетите Арапски Емирати(ОАЕ). Неговиот сопственик Мухамед Алми Иса е христијанин, а книгата ја наследил од своите предци. Овој мал Куран, според неговите кажувања е пронајден во близина на Ел- Кудса.
