
Најлошите поплави во последните децении во Русија и Казахстан: „Ова е голема закана, евакуирајте се“
Огромна количина на вода се движи кон рускиот град Курган, предупредија властите.
Вадим Шумков, гувернерот на овој регион, рече дека нивото на реката Тобол и нејзините притоки е двојно повеќе од нивото забележано при последните големи поплави во 1994 година.
Курган е најголемиот град и административен центар на Курганската област на југот на Уралскиот федерален округ на Русија.
Десетици илјади луѓе се евакуирани во последните две недели поради поплавите на северот на Казахстан и пограничните области со Русија.
Шумков ги повика сите што живеат во подрачјата подложни на поплави веднаш да ги напуштат своите домови, бидејќи се очекува нивото на водата да биде 11 метри над нормалното ниво.
„Ова не е само поплава, ова е реална закана.
Однесете ги децата, постарите, роднините кои имаат проблеми да се преселат во привремени засолништа или кај роднини и познаници“, напиша тој на Телеграм.
Курган, град со повеќе од 300.000 жители, е дом на воената фабрика Курганмашзавод, која произведува борбени возила.
Странските медиуми шпекулираат дека и фабриката би можела да биде поплавена.
Претходно, поплавите во рускиот град Оренбург достигнаа критично ниво – само покривите на некои куќи останаа над водата, додека масовната евакуација на луѓето продолжува.
