Најчевска: Мојот сопруг поднесе оставка, лакејот на Ахмети започна хајка против него
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека амбасадорот во Прага Сашо Тодоровски е отповикан поради неправилности.
Тој вели дека неговата сопруга, професорката Мирјана Најчевска, лажно се претставувала како културен аташе на амбасадата.
На ова Најчевска вели дека нејзиниот сопруг поднел оставка.
„Лакејот на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи започна хајка против мојот сопруг заради моите критички настапи како професор и експерт, и заради несогласувањето на мојот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството кое Османи го приватизираше. Мојот сопруг не се согласи со барањето на Османи (кој самиот изјави дека одговара единствено пред Али Ахмети) да го известува него и само него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на Претседателот на државата за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор“, вели Најчевска.
Таа додава дека Османи ги прекршил Уставот и законите што дипломат професионалец како нејзиниот сопруг не можел и не си дозволил да го толерира (за што пред неколку месеци достави претставка до Владата и до Претседателот на државата).
„Со оглед на тоа дека никој не реагираше на наводите во дописот во кој беа посочени отворени акти на дискриминација од страна на Османи, мобинг и основи за сомневање за направени кривични дела, мојот сопруг поднесе оставка. А на неписмениот лакеј на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи некој треба да му каже дека сопругите и сопрузите на амбасадорите добиваат средства во висина од 10% од платата на амбасадорот не за да се шетаат и да се проводат туку за извршување на дипломатски задачи кои им ги доделува амбасадорот“, вели Најчевска.