
МВР за трагедијата во Велес: Убиена 31-годишна девојка и нејзиниот 68-годишен татко – убиецот се самоубил
Попладнево во СВР Велес било пријавено дека на улицата „Кочо Рацин“ е пронајдено женско лице со повреди од остар предмет.
Полициските службеници излегле на местото и утврдиле дека станува збор за Р.К. (31) од Велес, која со Итна медицинска помош била пренесена во велешката болница, каде што била констатирана смрт.
Набргу потоа, во домот на нејзиниот татко на истата улица, бил пронајден мртов и нејзиниот татко К.К. (68), кој исто така имал повреди од остар предмет.
Во домот бил пронајден и И.С. (39) од Скопје, поранешен партнер на Р.К., со тешки повреди од остар предмет. Според првичните информации, се сомнева дека тој ги нападнал двајцата, а потоа самиот си нанел повреди. Тој бил пренесен во болницата во Велес, каде што била констатирана смрт.
На местото на настанот увид изврши јавен обвинител во содејство со увидна екипа на СВР Велес, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, информираат од МВР.

