
Муцунски: Нападот врз бугарската амбасада во Скопје е изолиран случај
По инцидентот со оштетувањето на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остро го осуди настанот и оцени дека станува збор за изолиран случај на кој институциите реагирале брзо и ефикасно.
„Секој чин во таква форма ќе го осудиме. Според првичните информации, станува збор за изолиран инцидент, создадена е некоја материјална штета која не е во огромен обем. Без разлика на тоа, го осудуваме максимално инцидентот. Министерството за внатрешни работи дава максимум за истрагата. Оттаму треба да побарате информации. Институционално, има брз и ефикасен одговор“, изјави Муцунски.
Тој нагласи дека државата не може да превенира секој поединечен кривично-правен настан, но дека одговорноста на институциите е јасна и недвосмислена.
„Да, се работи за инцидент кој го осудуваме, но ние не можеме да го контролираме секој кривично-правен настан. Нашиот одговор е веднаш да го осудиме настанот, а институциите да го расветлат случајот“, додаде министерот.
Инцидентот се случи вчера, кога, според МВР, непознато лице оштетило стакло на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, по што веднаш биле преземени мерки за идентификување на сторителот и целосно расчистување на случајот.

