
Муцунски бара помош од Штип, Костовски од Велес – вечерва ќе се спроведе акција за собирање на смет!
Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски на својот Фејсбук профил истакна дека поради неодговорноста и лошото работење на градската администрација и јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, неопходно е веднаш сами да го решат проблемот со натрупаниот смет во контејнерите на територијата на општина Аеродром.
„За нас, градоначалниците кои доаѓаме од редовите на ВМРО ДПМНЕ, најважна е грижата и здравјето на граѓаните, а меѓусебната поддршка и соработка е тоа што не прави поразлични од другите. На мое барање, Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите.
Благодарност до Иван и Општината Штип за поддршката и помошта. Ние, утре со своите расположливи капацитет продолжуваме да работиме на расчистување на сметот и контејнерите“, вели Муцунски.
Дарко Костовски градоначалник на општина Бутел пак на својот Фејсбук профил пишува дека поради несовесното работење на Град Скопје и ЈП Комунална Хигиена, во општината се насобра многу ѓубре на локации кои се надлежност токму на горе споменатите институции.
„Поради ваквата состојба, побарав помош и лично се обратив до мојот колега Марко Колев градоначалник на Општина Велес. Тој веднаш се одзва на моето барање и уште вечерва ќе испрати механизација и работна сила, која заедно со вработени од општина Бутел ќе спроведат голема акција за чистење на насобраното ѓубре. Граѓаните на општина Бутел не смеат да бидат заложници на нечие несовесно работење“, вели Костовски.