
Мразот ги наполни болниците: 170 повредени за еден викенд
Ниските температури што ја зафатија Македонија создадоа тешки услови на патиштата и тротоарите, каде мразот и голомразицата претставуваат сериозен ризик за безбедноста на граѓаните.
Само во текот на викендот, во градската болница биле примени дури 170 пациенти со скршеници и слични повреди.
„Регистрирани се вкупно 170 пациенти со различен тип на повреди. Кај 40 пациенти беа дијагностицирани скршеници, од кои на петмина им беше потребен хируршки третман, додека останатите со фрактури и други повреди се третирани конзервативно“, изјави Ристо Пејков, портпарол на Градската општа болница „8 Септември“.
Многу улици во главниот град се прекриени со мраз, а слична е ситуацијата и пред детските градинки. Граѓаните изразуваат загриженост поради недостигот на мерки за чистење на улиците.
„Мраз е, едвај поминувам. Не се фрла сол, ништо не се презема“, вели еден граѓанин.
„Да ви кажам право, не се чувствувам безбедно. Гледам како повозрасни луѓе се лизгаат. Досега немам видено некој да помине и да фрли сол за да се стопи мразот“, додава друг граѓанин.
Од јавното претпријатие „Улици и патишта“ велат дека се преземаат неопходните мерки, но дека коловозите се чистат според приоритети, вклучувајќи ги критичните точки.
„Критичните ‘црни точки’ (надвозници, подвозници, мостови, нагорнини, надолнини, клучни крстосници и кружни текови), каде постои најголем ризик за безбедноста при ниски температури, мраз или минимални врнежи од снег, се третираат со приоритет“, соопштуваат од претпријатието.
Надлежните апелираат на зголемена внимателност и избегнување непотребни излегувања додека трае ледениот бран.Мразот ги наполни болниците: 40 граѓани со тешки скршеници завршија во „8 Септември“
