
Мрак и тишина во Аеродром: „Зимзоленд“ се пакува – инспекциите го затворија, Обвинителството истражува
Нема повеќе музика, светла ниту детски џагор. Каблите се исклучени, реквизитите се демонтираат. Вака вечерва изгледа лунапаркот „Зимзоленд“ во Аеродром, кој по серија институционални притисоци и силни медиумски реакции стави клуч на врата.
Затворањето следува откако надлежните институции, под притисок на јавноста, конечно излегоа на терен.
Град Скопје потврди дека за лунапаркот не била издадена дозвола за работа и ѝ наложи на Општина Аеродром да постапи.
Општината, која првично се прогласи за ненадлежна, по неколку дена испрати инспекциски тим. Констатирани се повеќе неправилности, а по истекот на рокот за изјаснување е донесено решение: „Зимзоленд“ мора да се затвори, а реквизитите да се отстранат во рок од три дена.
Случајот сега е кај Обвинителството, кое отвори истрага поради сомнеж дека дел од институциите не постапувале навремено и согласно закон, дозволувајќи паркот да работи нелегално пред очите на јавноста.
