
МОЖЕЛЕ ДА ЈА СТАВАТ НА ПОД ИЛИ НА СТОЛ: Почина една од двете жени кои беa во ист болнички кревет во Сисак
Починала една од двете жени кои беа сместени во ист болнички кревет во хрватскиот град Сисак. Индекс.хр ја објави трагичната вест.
Директорот на болницата се обиде да се правда со изјавата дека времето било кусо и дека се спасени животи, но извор од болницата денеска за Дневник.хр изјави дека една од жените починала истиот ден кога е направена фотографијата, односно на 14 април.
„Главниот техничар знаеше сè. Таа болница е плодна почва за нечовечкото“, вели здравствениот работник од болницата за хрватските медиуми, кој сакал да остане анонимен.
Двете жени кои биле хоспитализирани во болницата биле од Домот за стари лица и со возило на итната помош биле пренесени во болницата. Ден потоа, во саботата, болницата го известила Домот дека едната од нив починала. Директорот на Општата болница во Сисак, Томислав Дујменовиќ, во ниту еден момент не ја објави веста за смртта.
„Иако ситуацијата беше грда, тој ден беа лекувани сите тешко болни пациенти и им беа спасени животите. Иако тоа беше непријатност за тие пациенти, тоа беше неизбежна ситуација во тој момент. На овој начин спасивме многу полошо сценарио, така спасивме животи на луѓе“, изјави директорот на ОБ Сисак, Томислав Дујменовиќ за ТВ „Дневник Нова“ на 19 април.
Тој кажа дека сите случаи биле сериозни.
„Можевме да ја ставиме другата жена или на тој кревет до друг пациент, или пак на подот или на стол. Мислам дека помалку несреќно решение беше да ја ставиме до друга пациентка, наместо да ја оставите да падне од столот или да лежи на подот. Ништо не се случи со жената, ја лекувавме. Но, добро, една од медицинските сестри ја фотографираше таа глетка и испрати“, рече тој.
„Индекс“ во неколку наврати се обидел телефонски да стапи во контакт со директорот Дујменовиќ, но тој не одговорил на нивните повици. На крајот само испратил кус мејл во кој не ја коментирал ситуацијата. Министерството за здравство ќе изврши увид во болницата. Граѓаните беа гневни и пишуваа дека додека се мирни и не излегуваат на протести состојбата во здравството ќе биде лоша.
