
Мостот кај Железничката станица ќе биде затворен додека не се санира – „Не верувам дека санација е можна“, вели Ангелов
Мостот „Беласица“ кај железничката станица во Скопје ќе биде затворен целосно за пешаци и за моторни возила сè додека не се санираат штетите од пожарот, кој го зафати долниот дел од мостот, кој ги поврзува „Веро Џамбо“ и трговскиот центар „Ист егјт мол“.
Ова го изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов денеска пред медиумите, и посочи дека постои опасност од одронување бетонски парчиња, со кои е премачкан мостот.
„Пожарникарите излегле веднаш, но не смееле да гаснат затоа што немале информации какви инсталации минуваат под мостот. Заклучокот беше дека има само една електрична инсталација со која се напојуваат светилките на мостот, а во средината на мостот минува цевка со дијаметар од еден метар низ која минува топла вода за парното во Скопје“, вели Ангелов.
Тој додава дека благодарение на нивната акција околу два часот пожарот беше ставен под контрола, а околу 4 часот беше целосно изгаснат.
„Да не ризикуваме, бидејќи самиот мост има голема тежина и ќе остане затворен сè додека Град Скопје не добие информација дека може да биде отворен. Но, верувам тоа ќе биде после санацијата, доколку воопшто санација е можна. Штетата ќе биде дополнително утврдена, а тие информации ќе ги има Град Скопје. Забрането е движење на пешаците под самиот мост затоа што постои можност од паѓање бетонски парчиња. Една од можностите за причините е спој на електричните кабли, а втората можност е човечки фактор, но за тоа треба да се произнесе МВР“, кажа Ангелов.
