
МОН ќе анализира потребата од настава во домашни услови за повредените ученици од пожарот во Кочани
Министерството за образование и наука (МОН) ќе спроведе анализа за тоа дали е потребно и колку ученици повредени во пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ би следеле настава во домашни услови од почетокот на новата учебна година.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска истакна дека од септември ќе се настојува ваков вид на образовна поддршка да биде достапна и за учениците кои се во процес на рехабилитација по пожарот.
– Сега е лето, ќе направиме анализа. Доколку има потреба, дефинитивно ќе бидат вклучени, иако не сум сигурна дека се многу. Оние што завршуваа четврта година, дел веќе полагаа матура, мислам дека едно до две деца се оставени сега да полагаат матура, изјави Јаневска одговарајќи на новинарско прашање за време на нејзината посета на Клиниката за детски болести.
Во исто време, министерката најави дека од септември ќе се воведе формално основно образование и за деца со канцер кои се наоѓаат на долготрајно лекување во болнички услови.