
Момчето кое го рани професорот во БиХ нема да одговара кривично
Момчето што пукаше во наставникот во Босна и Херцеговина (БиХ) не може кривично да одговара. Обвинителството соопшти дека малолетникот испукал неколку куршуми кон наставникот и со еден го погодил во вратот.
Поради тоа што ученикот немал 14 години, тој не може кривично да одговара според законот во БиХ и не може да му се изрече затворска казна, јавува „Ал џезира“. Летово детето треба да наполни 14 години. Може да биде упатен во психијатриска или во воспитно-поправна установа, сето тоа во согласност со стручната процена и препораките на Центарот за социјална работа.
Во пукањето во основното училиште во Лукавац, во кантонот Тузла, наставник е тешко ранет, а малолетниот напаѓач е уапсен.
Се работи за поранешен ученик на ОУ „Лукавац Град“, кој среде учебна година е исфрлен од училиштето поради недолично однесување.
Министерот за образование на кантонот Тузла, Ахмед Омеровиќ, на прес-конференција рече дека овој ученик лани бил префрлен во друго училиште во тој град поради дисциплинска мерка.
Един Делиќ, градоначалникот на Лукавац, изјави дека во медиумите се појавиле многубројни информации, потенцирајќи ја притоа важноста од нивна претходна проверка. Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, побара итна реакција на сите надлежни органи за да се спречат трагедии како оваа.
Наставникот е опериран, но е во животна опасност.
Минатиот месец во Србија имаше два масакри, од кои едниот го изврши 13 годишниот Коста Кецмановиќ, кој уби 10 луѓе. По масакрите, имаше серија закани од различни лица, возрасни и малолетници дека ќе извршат масовни убиства.