
Младен Чадиковски си заминува од ТВ24, еве во која телевизија продолжува
По девет години поминати како дел од тимот на Телевизија 24, новинарот Младен Чадиковски го најави своето заминување од телевизијата. Во својата изјава, Чадиковски се осврна на трите децении посветени на новинарството и на патот исполнет со многу пресврти, предизвици и успеси.
„Да се освои и задржи вербата во новинарството денес е една од најтешките задачи. Тоа се обидувам да го правам веќе триесетина години на овој, преполн со пресврти новинарски подиум“, истакна тој.
Чадиковски им се заблагодари на сите колеги, уредници и менаџментот на ТВ24 за посветеноста и заедничкиот труд, нагласувајќи дека тимот израснал во битките за општествени промени и бил заедно и во радосните и во тешките моменти.
„Со прекрасните колеги новинари и уредници, со целосната доверба од сопствеништвото и менаџерскиот тим минавме денови за историја. На сите нив им благодарам за посветеноста и љубовта со кои ги одбележувам овие незаборавни години во ТВ24“, додава Чадиковски.
Тој најави дека неговата новинарска приказна продолжува во нов тим – на ТВ Телма, каде што, како што напиша, професионалноста и довербата ќе останат негова водилка.
„Доаѓа време за нови предизвици, за испишување на уште една новинарска приказна. Се гледаме повторно на екраните, наскоро“, напиша Чадиковски.