
Млад маж пронајден починат под Железен Мост во Велес!
Млад велешанец утрово бил пронајден под Железниот мост во Велес, во населбата Дворови.
На лице место била повикана екипа на Итна медицинска помош, а увид на местото на настанот направила екипа на СВР Велес.
„Станува збор за велешанец роден 1990 година, а неговото тело лежело на земјена површина под мостот на скоро средина од должината на железната конструкција. Во првичните информации можам само да соопштам дека на телото на 34 годишниот маж нема траги на насилство, ниту убодни рани. Земени се примероци од дополнителни траги на лице место, како и друг вид на материјал што ќе биде испратен во Одделот за форензички испитувања на Министерството за внатрешни работи во Скопје. Обвинителката Миланова веќе побара телото на починатиот маж да биде испратено на обдукција во Институт за судска медицина во Скопје“, информира Цветанка Богоевска од ОЈО Велес.
