МИСАЈЛОВСКИ ПОРАЧА КАДЕ ЛЕЖИ ВИСТИНСКАТА СИЛА НА АРМИЈАТА На питомците им порача дека довербата е клучна
Единството и меѓусебната доверба се темелот на силна Армија, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски на свечената заклетва на питомците од 30. класа на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Министерот им честиташе на идните офицери, кои свечено се обврзаа да ѝ служат на татковината и да ја чуваат безбедноста на граѓаните.
– Никогаш не заборавајте дека силата на Армијата не е само во способностите на поединецот, туку и во единството и довербата меѓу нејзините припадници – нагласи Мисајловски.
Тој им порача на питомците дека пред нив претстојат четири години исполнети со предизвици, учење и со усовршување. Во тој период ќе се подготвуваат да станат офицери способни да носат одговорни одлуки.
Мисајловски истакна дека воената професија бара физичка подготвеност, психолошка издржливост и дисциплина. Посебно ја нагласи одговорноста што идните офицери ќе ја имаат за безбедноста на државата.
– Силата на македонската Армија се нејзините припадници, нивното знаење, професионалност, дисциплина и безрезервна љубов кон татковината – објави министерот.
Тој нагласи дека Министерството за одбрана продолжува да вложува во образованието, обуката и во развојот на новите генерации офицери.
На свеченоста присуствуваа и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, претставници на Министерството за одбрана и на Армијата, членови на воено-дипломатскиот кор и семејствата на питомците.
Оваа година на Воената академија како дел од 30-та генерација, запишани се 34 питомци од кои 28 (20 мажи и 8 жени) за потребите на македонската Армија и 6 (4 мажи и 2 жени) за вооружените сили на Босна и Херцеговина.
.
Извор: plusinfo.mk