
Миовски ја спаси Македонија од резил со Фарските Острови! (ФОТО)
Напаѓачот на Абердин осум минути пред крајот успеа да даде гол за Македонија, откако Елиф Елмас промаши зицер две минути претходно, а овој двоец влезе во игра во 55-та минута за малку повеќе да го размрда (под)заспаниот тим кој дотогаш направи една шанса со пречката на Езџјан Алиоски во првиот дел и неколкуте можности без некоја конкретна завршница.
Безброј лоши додавања, без брз проток на топката, многу индивидуални акции и нешто повеќе шутеви кон голот го одбележаа мечот за заборав, зашто Македонија не покажа премногу, дури и далеку под своите можности и игрите од претходниот период, а на сѐ најмногу ѝ кумуваше стратегијата да тргнеме со два центарфори во Илија Несторовски и Милан Ристовски, кои за нешто помалку од час скоро да беа невидливи.
Кој знае каков ќе беше исходот ако Милевски вечерва не посегна по двајцата најдобри во моментов, Елмас и Миовски, зашто сѐ до безмалку еден час беше ужасно лошо и безидејно. Миовски ја спаси работата за Фарски острови да не ја добијат шансата да се фалат со резултат против Македонија, како во минатото од „пациенти“ како Андора, Лихтенштајн, Луксембург и Малта, кои успевале да нѐ изрезилат.
CUANDO PARECÍA QUE EL ARCO SE CERRABA CADA VEZ MAS, APARECE BOJAN MIOVSKI PARA ABRIR EL MARCADOR. 1-0 PARA LA MACEDONETA 🇲🇰🔥 @bojanmiovskii 🔥🔥🔥🔥 pic.twitter.com/FkZr1WVcmH
— Mecedonia 🇲🇰 ❁ (@macedoniaffmkd) March 27, 2023
Тоа што Македонија го покажа фудбалски во овие два меча, без оглед на победата со Малта сериозно загрижува зашто оваа репрезентација е предалеку од формата од пред една година кога се бореше за пласман на Светското првенство, а во низа ни се повторуваат стари болки со грешки во одбрана (Фараните добија две шанси за сериозно да нѐ загрозат, но очајно ги искористија), слабата реализација, ама пред сѐ лошите избори во градењето на акциите и завршните додавања.











